fitonePrograma

Хата Јога

Хата Јога е систем од статични физички вежби/асани (Јога позиции) и техники/вежби за дишење (pranayama) кои помагаат да се постигне мир и стабилност во умот и телото. Овој тип на Јога се карактеризира со релативно нежно, бавно темпо и е идеален за почетници или за вежбачи кои претпочитаат порелаксиран стил на вежбање, каде што позициите се држат подолго. На Хата Јога часовите се користи дишењето за да се создаде врска помеѓу телото и умот, се овозможува подобрување на еластичноста и зголемување на силата, додека се намалува шансата за повреди. Овој одлично креиран стил на Јога го балансира и отвара човечкото тело, а воедно овозможува да научите да го стишите умот и да бидете присутни во сегашниот момент.

Ако имате потреба да бидете потрпеливи и ако сакате да научите повеќе за точките на усогласување на секоја позиција, тогаш ова е одличен избор за вас. Хата Јога е час со побавно темпо кое ви дава шанса навистина да навлезете во позицијата, а воедно да почувствувате нежна, посуптилна пракса.

Кратка историја за Хата Јогата

Хата Јогата постоела со илјадници години. Некои веруваат дека традицијата е стара 5.000 години, додека други сметаат дека датира уште пред 10.000 години. Оваа голема разлика во времето се должи на фактот дека кога Јогата за прв пат се практикувала, не постоел пишан збор, ниту пак хартијa, не постоел начин да се пренесе знаењето освен преку кажан збор од генерација на генерација. Во тоа време практикувањето Јога било многу мистериозно и таинствено. Јогата почнала да се шири во западниот свет кон крајот на 1880-тите години и ова е официјално започнување на периодот на „модерната јога“.

Придобивки од практикување Хата Јога

Со редовно практикување на Хата Јога може да се забележат подобрувања во целокупното здравје. Дел од придобивките се:

- подобрување на флексибилноста

- зголемување на тонусот и јачината на мускулите

- подобрување на циркулацијата и работата на кардиоваскуларниот систем

- се подобрува квалитетот на спиењето

- зголемување на нивото на енергијата

- релаксација на умот и намалување на тензијата во телото

- намалување на повредите

- детоксикација на целото тело и подобрување на имунитетот

- подобрување на држењето

- позитивно влијае при анксиозност и депресија

- намалување на хронична болка

- овозможува ослободување на ендорфин кој го подобрува расположението

Пред да започнете со практикување на Хата Јога

- Ако сте: бремени или имате сериозни здравствени проблеми, повреда на зглобовите, неодамнешна операција, епилепсија, дијабетес или било какви кардиоваскуларни заболувања (особено висок крвен притисок), не заборавајте да разговарате со вашиот лекар за намерата да практикувате јога.

- Немoјте да користите парфем или колонска вода кога вежбате. Длабоко дишење е дел од часот и не е препорачливо да се вдишуваат ваквите мириси.

- Не јадете ништо најмалку еден до два часа пред вежбање.

- Отстранете ги рачните часовници и се друго метално што прави комплетен круг околу телото. Доколку е практично, отстранете ги исто така и очилата.

- Носете лабава, удобна облека, така што телото нема да има ограничување во движењата. - Исклучете го мобилниот телефон

- Пристигнете барем 5-10 минути пред почетокот на часот за да имате доволно време да се подготвите и да ја смирите сопствената енергија.

Пред се вежбајте релаксирано. Не очекувајте да имате „феноменален час“ – таков вид на очекување може да биде контрапродуктивно. Очекувајте да вежбате најдобро што можете, и едноставно да бидете присутни и свесни за сегашниот момент. Како вежбате е многу поважно од тоа што вежбате.Многу често Јога вежбачите се форсираат себе си во изведување на позициите, без да размислуваат дали тоа им помага или им наштетува. Нивното Его ги контролира, а Егото секогаш сака да изгледа добро пред другите. Јогата никогаш не била натпреварувачки спорт, таа претставува внатрешна пракса (искуство) со цел да се изгради свесност, не-приврзаност, ментална смиреност и задоволство (исполнетост)со самите себе си.